sinisa pekevskifinalДневник, 11.12.2011

Изминативе недели од медиумите сме бомбардирани од кампањата за развивање и за подигање на јавната свест за развој на претприемничкиот дух меѓу младите луѓе наречена „Осмели се“. И тоа е супер, браво, конечно на некоја влада реално ~ текна дека треба да направи нешто повеќе за да ја развие претприемничката култура кај младите, а не само да се размислува за вработување во јавната или државната администрација.

Kурсот што до сега го тераа скоро сите влади е своите младите луѓе да ги вработуваат во тие институции и таму да ги згрижат, без притоа да посветат какво било внимание за претприемаштво, вработување на младите во приватниот сектор и за развој на економијата. За жал, ниту една влада до сега не се потруди на направи нешто на тоа поле. Затоа ова што сега се прави навистина претставува добар почеток за стимулирање на претприемаштвото и за развој на таа култура во Македонија. Но секогаш има едно „но“, што н` спречува да направиме онака како што треба. Се радувам што се започнуваат вакви кампањи, но сум изненаден од начинот на кој се реализира истата. Технички кампањата е одлично направена и изгледа убаво за око, но реално има многу недостатоци што ќе влијаат таа да биде успешна. Не сакам да бидам како сите, т.е. да критикувам и да барам грешки и недостатоци во с` бидејќи во Македонија тоа е најраширен занает. Затоа би сакал да дадам конструктивни предлози за успех на оваа кампања и навистина би се радувал кога би видел позитивни резултати од истата. Kако прво, би требало да се организираат обуки за оние што ќе се сакаат да ја реализираат својата идеја, да започнат свој бизнис, бидејќи не верувам дека некој од нив воопшто во живот некогаш напишал бизнис-план. Потоа би вовел менторски систем од разни професори, консултанти, кои би им помогнале да го напишат подобро бизнис-планот и кои би ги воделе низ целиот тој процес на создавање. Некој што никогаш не напишал бизнис-план не знае колку е тоа тешко и колку време е потребно за тоа. ДестимулираЧки е да се понуди една главна награда и 10 помали со кои искрено не може никако да се почне бизнис. Затоа, наместо една награда од 10.000 евра, би вовел 10 награди од 3.000 бидејќи не е целта да успее еден, туку повеќе, а со тоа да ги поттикнеш и другите да работат. Парите нема да бидат проблем. Ете ги, ако се намали сумата за рекламирање или наместо да се печатат и да се дистрибуираат мостри за бизнис-план, направете тие да се преземаат од интернет, ем е поефективно ем е поевтино (мисли зелено). Ако навистина се сака да се развие таа претприемничка култура, би требало да се вклучат и бизнис-инкубаторите бидејќи тие се расадник на нови компании, тие се место во кое се реализираат идеите, тие се места во кои соништата стануваат јаве. Тие најдобро знаат како се работи со млади и старт ап-компании бидејќи од таму континуирано произлегуваат успешни приказни, тие се вистински пример за претприемаштво, вистински пример за успех. Затоа ОСМЕЛЕТЕ СЕ и прифатете конструктивна критика, направете оваа кампања навистина да заживее, навистина да ги оствари своите цели, да се создадат нови компании и да се развијат претприемничката култура и духот кај младите.

Медија

Ohrid.