sinisa pekevskifinalДневник, 26.02.2012

Kрајот на минатата недела ме дочека во посебно расположение. Kонечно излезе сонце, во Скопје беше сончево, а со тоа и кај мене дојде позитивната атмосфера, позитивно расположение. Со излегувањето на сонцето и пристигнувањето на убавото време конечно се скратија еден куп маки на директорите и менаџерите кои требаше да се грижат и да ги одржуваат нашите патишта, улици, сокаци.

Она што требаше тие да го направат ќе го направи сонцето, ќе го стопи снегот. Е сега, на едни ќе им се раздени, на други ќе им се стемни. Зошто? Па затоа што кога снегот ќе се стопи, ќе порасне водостојот на реките и тие ќе почнат да се изливаат од своите корита и ќе почнат да прават штети. Зошто кога пишувам сега ова и каква врска има тоа со економијата. Па има, денес секој мисли дека може да биде менаџер, секој може да биде директор и да управува, секој може да биде министер. Но навистина, дали може? Секојдневието ни кажува дека не може, дека да бидеш директор, менаџер, раководител, министер е многу напорна и изискувачка позиција. Да бидеш менаџер значи да се грижиш целиот процес да функционира како што треба, да се грижиш сите елементи да функционираат правилно, да се грижиш да нема застој во работата и да се грижиш сите вработени да се среќни и со ентузијазам да ги извршуваат своите задачи и својата работа. Па сега размислете и кажете ми дали познавате некои такви, кои навистина така функционираат. Kога луѓето седнуваат во своите удобни кожени функционерски фотелји мислат дека с` ќе биде убаво и тие само ќе директоруваат, ќе имаат скапи телефони, ќе одат на ручеци, на патувања и сл. Но не е така, тоа го има само во бајките.

ПОГЛЕДНЕТЕ само во медиумите секојдневно се покажуваат нашите големи директори, менаџери здружени во разни комори и асоцијации и само кукаат колку е тешко, колку е голема криза, колку не можат да работат и државата, читај владата (премиерот) треба да им помогне со разни субвенции, олеснувања, донации и слично. Па менаџери, ако не можете и не знаете да работите во услови на криза, ве молам напушете ги тие ваши удобни кожени фотелји и препушете им го менаџирањето на оние што го знаат тоа, кои се школувале, едуцирале и имаат знаење и ресурси за тоа да го прават на правилен начин и платете го тоа соодветно. Но, ќе ве замолам тоа да не бидат вашите синови и ќерки, роднини, пријатели и партиски луѓе. Денес да бидеш успешен менаџер е навистина тешко, и никако не можам да се изначудам на тоа колку лесно луѓето прифаќаат да бидат менаџери. Македонија денес кубури и има недостиг на добар кадар, спремен кадар кој може да се справи со проблемите што ги носи времето, затоа и имаме с` помалку успешни компании и фирми кои можат и работат успешно и се натпреваруваат на пазарот. Мене ми е навистина жал кога ќе видам како пропаѓаат компании само поради тоа што газдата (менаџерот) не сака да признае и да го даде управувањето на компанијата на млад кадар, само за да не се види дека е неспособен. Жалосно.

ПРОЧИТАВ во медиумите дека извршниот директор на една голема и успешна компанија, така барем владее мнение, е притворен поради обвинение дека направил проневера од некои 3 милиони евра. Па добро бе, има ли некоја компанија и некој менаџер кај кои кога ќе загребеш малку под површината нема да излезат еден куп неправилности. Kога ќе почнеме да функционираме на пазарен принцип, кога?

Синиша Пекевски

(Авторот е консултант)

Медија

Ohrid.